Домашен пораз за кошаркарската репрезентација на Македонија на првиот меч од претквалификациите за Мундобаскетот 2023.
Пулените на селекторот Драган Бајиќ предмалку со 67-62 во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје загубија од Швајцарија во првиот натпревар од претквалификациската група „Ф“ за пласман на СП.
Гостите на стартот дојдоа до водство од 7:2.
Следуваше консолидација на нашите редови и пресврт на резултатот – 10:9.
Сепак Швајцарците предводени од Ковач стигнаа до +5 по првиот период, 22:17.
Во втората четвртина почетокот донесе слаба реализација за Македонија, па противникот брзо стигна до +11 – 33:22. Резултатот на полувремето гласеше 35:25 во корист на Швајцарија.
Во второто полувреме Македонија беше подобра, намали на -6, а пред стартот на последниот период на семафорот стоеше 49:42.
Конфузијата во нашите редови се покажа и во последниот период, па Швајцарците преку Казади стигнаа до првиот триумф на турнирот – конечни 67:62.
Кај Македонија најпрецизен беше Адем Мекиќ со 16 поени, Џејкоб Вајли реализираше 15 поени и имаше 13 скока. Крстевски мечот го заврши со13, а двоцифрен беше и Магдевски со 10 поени.
Кај Швајцарија Казади постигна 19, а Ковач 11 поени.
Следниот меч на Македонија е в сабота, против селекцијата на Словачка.
Пласман во главните квалификации за Мундобаскет обезбедуваат двете првопласирани репрезентации.