Директорот за разновидност на Пари Сен-Жермен, Фабиен Алежр ги демантираше информациите на шпанските медиуми дека клубот продал 800.000 дресови на Лео Меси во еден ден и додава дека се „далеку“ од бројката од милион дресови.
Кога почна продажбата на дресови со името на аргентинската ѕвезда по пристигнувањето во Париз, имаше редици пред нивниот фан-шоп, додека онлајн се распродадоа за помалку од еден ден. „Марка“ тврдеше дека се продадени 800.000 дресови во еден ден, а други шпански медиуми тврдеа дека бројката отиде до милион дресови, нешто што Алежр го демантираше.
„Лудо е да се вадат такви бројки. Да, трендот на продажба беше феноменален, како најдобра промоција за нас, но далеку сме од милион продадени дресови. Договорот со Меси беше направен многу бргу и не можевме да предвидиме толкав интерес и затоа немаше дресови на веб-шопот. Без разлика на кој ни е партнерот за производство на дресови, таква бројка е невозможна. Не сме магионичари. Засега откривме само два дреса, домашниот и гостинскиот, а ќе има и трет и четврт дрес во септември, односно во јануари. Во последните две сезони, имавме милион продадени дресови“, вели Алежр за „Л’Екип“.