Top Sport

Денис Ло е шестата легенда на Јунајтед со дијагностицирана деменција

Легендарниот поранешен напаѓач на Манчестер јунајтед, 81-годишниот Денис Ло потврди дека страда од васкуларна деменција и од Алцхајмерова болест, порачувајќи дека „патот ќе биде тежок и болен“ и побара поддршка и разбирање од неговите најблиски.

Шкотланѓанецот Ло, со прекар „Кралот кај Јунајтед“, е еден од „светото тројство“ на клубот покрај Сер Боби Чарлтон и Џорџ Бест, кои имаат статуи пред „Олд Трафорд“. Тој е шестиот член на тимот на Јунајтед кој стана европски шампион во 1968 година кој страда од дегенеративната болест.

Во ноември, семејството на Чарлтон потврди дека тој има деменција, неколку дена откако Ноби Стајлс почина со истата болест, а иста дијагноза имаа и Тони Дан, Бил Фоулкс и Дејвид Херд.

Оваа вест во Британија повторно донесе дискусија околу поврзаноста помеѓу деменцијата и удирањето фудбалска топка со глава, откако неодамна постоеше предлог да се ограничи бројот на удари со глава на тренинзите и на мечевите.

Scroll to Top