Освојувачката на прв олимписки медал во историјата на Туркменистан, кревачката на тегови Полина Гуреева (21) како награда од државата доби стан, автомобил и 50.000 долари.
Гуреева во Токио освои сребро во категорија 59 килограми, а таа е прв спортист од Туркменистан на кого му успеало тоа. Стрелецот Марат Нијазов на ОИ во Рим 1960 година освоил сребро, но тогаш Туркменистан бил дел од СССР.
Гуреева на свеченоста добила три бели лакирани кутии, во едната биле клучевите од трособниот стан во главниот град, во другата биле клучевите од автомобилот марка „лексус“, а во третата чек со 50.000 долари.
Туркменистан има 6 милиони жители, а независна држава е од 1991 година.