Холандија вечерва ќе ја пречека Турција, во квалификациите за пласман на Светското првенство. Овие две репрезентации, заедно со Норвешка, до крајот ќе водат голема борба во Г-групата за пласман на Мундијалот.
Во пресрет на натпреварот, Луј Ван Гал имал жестока расправија со еден новинар на прес конференцијата. Селекторот на Холандија „експлодирал“, кога новинарот му рекол дека со неговата 5-3-2 формација игра дефанзивен фудбал.
„Сакате да играте во формација 5-3-2 како што игра Челси? Тоа е дефанзивен фудбал“, рекол новинарот.
Одговорот на Ван Гал бил жесток.
„Ништо не знаете за фудбалот. Вие сте новинар кој сака со нас да ја сподели својата визија, но вие немате визија. Со 5-3-2 формација може да се игра напаѓачки. Тухел во Челси тоа го покажа“.
На табелата во Г-групата, води Турција со 11 поени, еден повеќе од Холандија и Норвешка, Црна Гора има седум, Летонија четири, а Гибралтар е без освоен бод.