Повеќекратниот олимписки шампион Елиуд Кипчоге е сигурен дека ќе успее да истрча маратон под два часа, откако претходно оваа година беше многу блиску во обидот во Монца.
32-годишниот Кипчоге има најдобро официјално време од 2:03:05, за осум секунди послабо од светскиот рекорд на неговиот сонародник Денис Кимето (2:02:57), поставен во Берлин во 2014 година.
„Навистина го сакам тој светски рекорд. Самоуверен сум дека ќе успеам и нема да сопрам“, вели Кипчоге.
Во мај, Кипчоге заедно со уште неколку маратонци имаа посебна трка на Ф1 патеката Монца со единствена цел – да се сруши митската граница од 2 часа. На крајот, Кипчоге истрча 2:00:25, далеку подобро од светскиот рекод, но сепак 25 секунди повеќе од границата. Поради прекршување на одредени правила околу бројот на „пејсмејкерите“ дозволени во трката, ова не беше ратификувано како светски рекорд.
„Мислам дека мораме да го предизвикаме тоа време. Ќе се случи наскоро. Имав само 25 секунди повеќе и тоа воопшто не е многу. Клучот на маратонот е менталитетот. Тука е успехот“, додава Кипчоге.