Top Sport

Хамилтон за 0.4 секунди побрз од Ферстапен во Монца пред квалификациите

Актуелниот светски шампион, Луис Хамилтон ја доби првата битка со лидерот во генерален пласман, Макс Ферстапен, откако беше за 0.452 секунди побрз од возачот на Ред бул на единствената тренинг сесија пред вечерните квалификации на славната патека Монца.

Резултатот на Хамилтон е уште поимпресивен ако се знае дека на италијанската патека тој користеше „средни“ гуми, додека Холанѓанецот беше на меки гуми. Неговиот колега од Мерцедес, Валтери Ботас беше трет со половина секунда послабо време зад Ферстапен исто така на „медиум“ гуми.

Меките гуми ќе бидат единствени кои ќе се користат во квалификациите денеска, пред утрешката спринт-трка. На спринт-трката во сабота и ГП трката во недела на возачите ќе им биде дозволено да ги бираат своите гуми.

Ленс Строл беше четврт најбрз за Астон Мартин, пред победникот од минатата година, Пјер Гасли во Алфа Таури, а Себастијан Фетел беше шести во вториот Астон Мартин. Карлос Саинс Јуниор беше најдобропласираниот возач на Ферари на домашната трка со седмо место, пред Фернандо Алонсо.

Scroll to Top