Поранешниот фудбалер на Арсенал, Микел Артета, ќе го наследи Арсен Венгер на менаџерската позиција, тврди порталот „Гол“. Артета изминатите две сезони е прв помошник на Пеп Гвардиола во Манчестер сити.
Англиските медиуми тврдат дека двете страни ги договориле условите и само се чека уште Арсенал официјално да го претстави Артета.
Голем фан на Артета е извршниот директор на клубот, Иван Газдис, кој смета дека младиот тренер во тимот ќе ја внесе модерната фудбалска филозофија.
Медиумите, исто така, шпекулираат дека прв помошник на Артета ќе биде се уште актуелниот играч на клубот Санти Казорла, бидејќи се уште не е јасно дали Стив Булд и Јенс Леман ќе останат во клубот по заминувањето на Венгер.
Артета има одиграно 150 натпревари за Арсенал, успеал да постигне 16 гола. Тој е еден од многубројните фудбалери што потекнале од школата на Барселона, но никогаш не добил можност да игра во првиот тим.
Репутацијата на одличен играч од редот за врска ја изгради во Евертон, чии дрес го носел на 209 натпревари.
Во кариерата играл и за Реал Сосиедад, Глазгов Ренџерс и ПСЖ.