Кризата кај поранешниот премиерлигаш Дерби каунти влезе во критична фаза, откако од клубот потврдија дека се во стечај.
Второлигашот, чиј тренер е поранешниот англиски капитен Вејн Руни, автоматски ќе загубат 12 поени според правилата на Англиската фудбалска лига (ЕФЛ), што значи дека се заглавени на дното на табелата, а им се закануваат и дополнителни казни поради неправилностите во финансиското водење на клубот, најверојатно дополнителни 9 поени.
Бордот на Дерби откри дека стечајот е последица на тоа што нема заинтересираи за преземање на клубот како последица на пандемијата на корона вирус и истрагата на ЕФЛ.
„Приходите се намалени за 20 милиони фунти, а за разлика од другите бизнис-сектори, фудбалот не успеа да ги намали трошоците. Пандемијата исто така значеше дека не бевме во можност да имаме состаноци со повеќе потенцијални инвеститори и купувачи. Продажбата на клубот во јануари 2020 колабираше кога ЕФЛ се противеше на продажбата“, се вели во објавата на клубот.
Бидејќи досега имаат освоено само седум поени, казната од 12 поени ќе значи дека тие се на дното на табелата, веднаш до лутите ривали Нотингем форест, кои имаат свои проблеми и досега имаат освоено само еден поен.