Претседателот на Пари Сен-Жермен, Насер Ал-Хелаифи ги зголеми шпекулациите за летен трансфер на Нејмар во Реал Мадрид, изјавувајќи дека „никој не е поголем од клубот“.
Од ПСЖ постојано тврдеа дека Нејмар сигурно не заминува, и покрај тоа што цела сезона шпекулациите се дека поранешниот играч на Барселона планира да се врати во Шпанија и тоа во тимот на Реал Мадрид. Покрај тоа, Манчестер јунајтед имаат интерес за фудбалерот за кој ПСЖ плати рекордни 222 милиони евра минатиот август.
Тренерот на заминување на ПСЖ, Унаи Емери инсистираше дека 26-годишниот Бразилец останува и следната година, а самиот Ал-Хелаифи изјави дека е „2000 отсто сигурен“ дека Нејмар сака иднина на „Паркот на принцовите“, но сега додава дека нема да стои на патот на било кој фудбалер кој сака да замине.
„Ништо и никој не е поголем од клубот. Ниту тренерот, ниту фудбалерите. Клубот секогаш ќе биде на прво место. Ако некој не го прифаќа тоа и не е среќен, тогаш може да си оди. Откако ние сме тука, ПСЖ освои 19 трофеи и тоа вреди нешто. Но критиките се уште тука. Што би било ако кажеме дека заминуваме?“, вели Ал-Хелаифи во интервју за „Л’Екип“.
Фото: ЕПА