Ракометниот сојуз на Русија покренал интерна истрага, против осум јуниори, под сомнение дека местеле резултати на Европското првенство за играчи до 19 години, кое се одржа во Хрватска.
Рускиот сојуз додека трае истрагата ги суспендирал играчите. Скандалот на медиумите им го открил првиот човек на Сојузот, Сергеј Шишкарев.
Тој рекол дека резултатите што ги постигнала репрезентацијата долго време им биле сомнителни. Сомнежите кулминирале на ЕП, на кое Русија победи само на еден, натпревар, против Австрија во борбата за 15.место.
Тој натпревар ги натерал луѓето околу Шишкарев да спроведат истрага, бидејќи во фазата по групи на турнирот, Русија загубила од Австрија со 17 голови разлика (19:36). Четири дена без проблем Русите славеле со разлика од седум гола. Покрај овој дуел сомнителен е и натпреварот со Данска.
Осуммината играчи, во истрагата, паднале на тестирањето со полиграф.
„Група на играчи во текот на ЕП се здружила со криминални структури, од нив добивале информации со кој резултат треба да завршуваа натпреварите. Играчите го правеле тоа и добивале парични награди. Сојузот, ако се покаже дека знале за местенките, а не реагирал, ќе поднесе кривична пријава и против селекторот Виталиј Иванов“, рекол Шипкарев и потоа ги именувал осуммината кои местеле натпревари.
„Не сакаме останатите членови на репрезентацијата да имаат дамки во кариерите поради овој настан“, заклучил Шишкарев.
Според рускиот закон, за учество во местење на резултати во спортски натпревари, предвидена е затвордка казна до седум години. Бидејќи сите биле полнолетни кога ги сториле делата ќе им се суди според овој закон.