Полјакот Хуберт Хуркач ја освои својата трета титула оваа сезона, откако во финалето на Мозел опен во Мец со 7:6(2)/6:3 го совлада вториот носител, шпанскиот ривал Пабло Карењо Буста.
Хуркач, кој е светски број 13, е загуби ниту еден сет на патот до титулата, повторно импресионирајќи од основната линија за победа по 82 минути. Претходно оваа сезона, 24-годишниот Полјак ги освои титулите во Делреј Бич и на АТП 1000 Мастерсот во Мајами, за убедливо најдобра сезона во кариерата, а покрај тоа триумфираше во Мец и во двојки заедно со сонародникот Јан Зиелински.
„Атмосферата тука е навистина фантастична и секогаш е прекрасно да се игра. Морав да го кренам нивото против Пабло, кој е врвен тенисер“, изјави Хуркач.
Естонката Анет Контавеит, пак, ја освои својата трета титула во кариерата, победувајќи ја Гркинката Марија Сакари со 6:2/7:5 во финалето на Острава опен во Чешка. Ова е шеста победа над топ 20 тенисерка за Контавеит, која исто како Хуркач не загуби сет на патот до финалето.