Поранешниот тренер на Пари Сен-Жермен, Унаи Емери открива колку контрола Нејмар имал во францускиот шампион.
Шпанецот излезе како најверојатна опција за Арсенал, откако замина од „Паркот на принцовите“ по две сезони во кои еднаш ја освои титулата во Лига 1, но загуби двапати во осминафиналето на ЛШ.
Во интервју со шпанскиот магазин „Тактикал рум“, 46-годишниот Емери открива дека не можел да се наметне во клубот како што го направи тоа Пеп Гвардиола во Манчестер сити поради најскапиот играч на светот.
„Знам кога јас сум главниот човек во групата, а кога не сум. Во секој клуб мора да ја знаете својата улога или улогата која групата ќе ви ја додели. Во ПСЖ има еден лидер и тој се вика Нејмар. Поточно, ќе биде лидер, бидејќи сега трае тој процес. Тој дојде да биде лидер во ПСЖ, да биде број 1. Во Манчестер сити, шефот е Пеп. Во ПСЖ, шефот мора да е Нејмар“, вели Емери.
Тој додава дека разговарал лично со Бразилецот за овој проблем.
„Имав многу разговори со Нејмар на оваа тема. Некои не дадоа резултат, некои беа многу продуктивни. Еден разговор траеше 45 минути и беше многу искрен. Тоа беше одличен момент. Тој ме слушаше и го убедив дека некои работи не можат да дојдат одеднаш, тие кои ќе го направат најдобар“, додава Емери.