Килијан Мбапе го прекина молкот, даде големо интервју за „Екип“. Напаѓачот признал дека летово побарал клубот да му овозможи трансфер во Реал Мадрид. Најавува дека наредното лето ќе замине без обесштетување.
„Останав во ПСЖ, но далеку сум од одлуката да потпишам нов договор. Сакав да заминам ова лето, бидејќи два месеци претходно немавме разговарано за новиот договор. Кога зборувам за заминување мислам на Реал“.
Значи заминувате…
„Доволно долго сум во фудбалот, научив некои работи: вчерашната вистина не мора да биде вистина денес или утре. Да ми кажеа дека Меси ќе игра за ПСЖ, никогаш не би поверувал“.
Не знае дали постои нешто што би го задржало во Париз…
„Не сакам да бидам дволичен и да кажам: па сега не знам…Далеку сме од такво решение. Летово имав јасна амбиција, сакав да заминам за најдобрите услови што можеше да ги добие клубот. Сега иднината не ми е во прв план. Веќе изгубив доволно енергија, беше исцрпувачки“.
Мбапе е свесен дека интервјуто нема да им се допадне на претседателот Наср Ал-Келаифи и спортскиот директор Леонардо.
„Морав да го прекинам молкот. Тоа им го должам на навивачите и луѓето кои ме сакаат. Летото не зборував на оваа тема. Помислив дека сега е вистинско време“.