Барселона во јануари ќе му врачи отказ на Самуел Умтити, тврди „Спорт“. Францускиот фудбалер, од почетокот на сезоната, не доби шанса да се појави во тимот на Роналд Куман. Според овој извор, Барса ќе го исплати и потоа ќе му се заблагодари на соработката.
Умтити беше еден од фудбалерите кои во летниот преоден рок требаше да го напушти клубот. Поради платата, тој одби трансфер, а по состанокот со претседателот Џоан Лапорта, добил верување дека ќе добие уште една шанса да се наметне.
Куман нема доверба во него, поради што тој најчесто не е ниту меѓу играчите кои седат на клупата за резерви.
Умтити има договор со Барселона до јуни 2023 година.
Барселона во 2016 година на Лион им плати 25 милиони евра за Умтити. Неговата кариера се одвиваше добро до завршувањето на Мундијалот во Русија, каде со Франција ја освои светската титула.
По СП започнаа неговите проблеми со повредите. Последен пат, Умтити, за Барселона настапил во мај.
Според медиумите интерес за него покажале Ница и Лацио.