Вториот натпревар од финалната серија во кошаркарскиот шампионат на Бугрија, помеѓу Левски и Балкан од Ботевград, бил прекинат поради инцидент што го предизвикале навивачите на тимот од Софија.
Натпреварот е прекинат во 37.минута, при водство на Левски 66:59, а како што објавија бугарските медиуми, истиот ќе продолжи денес без присуство на публика.
Левски, за прекинот на натпреварот може да им се „заблагодари“ на своите навивачи и на пропустот во организацијата, бидејќи некој дозволил навивачите да бидат сместени веднаш позади клупата на Балкан.
Во текот на целиот натпревар тие со погрдни зборови ги навредувале тренерите и играчите на гостинскиот тим и фрлале по нив со пластични шишиња, а на три минути пред крајот, хулиганите се обиделе и физички да се пресметаат со оние што биле на клупата на гостинскиот тим.
Полицијата и редарите успеале да ги задржат хулиганите, а играчите веднаш се повлекле во соблекувалните.
Од Балкан по мечот рекле дека се работи за „грда провокација“ од страна на Левски и дека не било случајно што хулиганите биле сместени токуму зад нивната клупа.
Домаќинот Левски ги осудил однесувањето на хулиганите.