Top Sport

Со три поени од Лихтенштајн, на второ место и подготвени за „мегдан“ со Германија

Македонската фудбалска репрезентација ја забележа првата победа под водството на новиот селектор, Благоја Милевски, откако рутински со 0:4 ги победивме аутсајдерите Лихтенштајн, прекинувајќи ја низата од три ремија од претходните три мечеви во квалификациите за Светското првенство во 2022.

Победата не носи на второто место во групата, откако во Исланд и Ерменија одиграа 1:1 реми во Рејкјавик, додека Романија не успеа да го заддржи раното водство и во Хамбург загуби со 2:1 од германскиот „маншафт“.

Доминацијата во нашата игра во првото полувреме, конечно, заврши со гол во мрежата на Лихтенштајн во 39. минута кога Дарко Велковски најдобро се снајде по корнерот на Езѓан Алиоски, откако претходно ни беше поништен еден гол, а Дарко Чурлинов ја погоди пречката.

Во второто полувреме, во 66. минута, по соборувањето на Аријан Адеми во шестнаесетникот, Алиоски беше прецизен од белата точка за 0:2, а Бобан Николов, само што го замени Алиоски во 74. минута зголеми на 0:3, пред Дарко Чурлинов во 84. минута да ги постави конечните 0:4.

Во Хамбург, Германија на Ханси Флик доживеа шок во 9. минута, кога Јанис Хаџи постигна апсолутно прекрасен гол за неочекувано водство, но тие се созедоа во второто полувреме и израмнија преку Серж Гнабри во 52. минута од мечот, пред повратникот во репрезентацијата, Томас Милер во 81. минута да ја донесе петтата победа во шест меча во квалификациите (единствениот пораз е од Македонија со 2:1 на гости).

Исланд пак, ни направи услуга со 1:1 камбек ремито со Ерменија, со кое сме пред Ерменците на табелата. Во следното коло Ерменија и Романија имаат интересен дуел, додека нам ни пристигнува „маншафтот“ на Флик на празник на 11 октомври.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022, ГРУПА Ј

Германија – Романија 2:1

Лихтенштајн – МАКЕДОНИЈА 0:4

Исланд – Ерменија 1:1

Фото: ФФМ

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top