Top Sport

Стоперот на Шпанија „наострен“ против своите: Ова е посебен меч за мене!

Селекциите на Шпанија и Франција вечерва го играат финалето на плеј-офот во Лигата на нации. Младиот тим на „Фуријата“ има огромен мотив против „галските петли“, а стоперот Емерик Лапорт има посебна мотивација.

Младиот дефанзивец роден во Франција играше за младите категории на „триколорите“, но никогаш не заигра во А-селекцијата. Во мај годинава доби шпанско државјанство и реши да игра за оваа селекција.

„Ова ќе биде посебен меч за мене, многу сум концентриран. Не 100, туку 300%. Ќе дадам се од себе. Ќе играм против некогашните соиграчи од младата селекција, но единствено што ме интересира е победа во финалето, тоа сега ми е најважната работа во светот“ рече Лапорт кој е член на Манчестер Сити.

Селекторот на Франција, Дешам му посака среќа на Лапорт.

„Не сме зборувале од тогаш, ја имаше можноста и среќен сум поради него. Беше со нас, сега е со нив, тоа е негов избор и јас тоа го почитувам. Сакаше да оди по тој пат и се надевам дека ќе му биде добро“ рече селекторот.

Scroll to Top