Иако со „една нога“ фудбалската селекција на Германија е веќе во Катар на Мундијалот кој треба да се одржи идната година, сепак „панцирите“ утре во Скопје доаѓаат за да се одмаздат за поразот кој го доживеаја во Дуизбург од Македонија со 2-1.
Доколку избраниците на селекторот Ханси Флик утре на арената „Тодор Проески“ ја оправдаат фаворитската улога, на две кола пред крајот од групата Ј ќе го заверат пласманот на Мундијалот.
Македонските фудбалери ќе ја имаат поддршката од околу 17.000 фанови на нашиот најголем стадион, а германскиот селектор очекува вжештена атмосфера.
„Атмосферата во Скопје ќе биде вжештена. Македонската репрезентација ќе биде целосно мотивирана. Тие сакаат да ги задржат шансите за пласман на СП и со победата која ја имаа на наш терен, сега имаат поголема самодоверба. Македонија знае како да игра фудбал, имаат искусни играчи во составот, затоа мораме да ги покажеме нашите сопствени квалитети и мислам дека тоа ќе биде одлучувачко. Не гледам назад во минатото, ние сакаме само да ја имаме нашата филозофија на теренот, да бидеме обединети, да останеме активни. Сакаме да победиме и што е можно побрзо да го обезбедиме пласманот на Светското првенство“ рече Флик, пренесе „Ројтерс“.
Мечот од осмото коло меѓу Македонија и Германија започнува утре во 20.45 минути.