Македонскиот репрезентативен голман, Борко Ристовски и неговата Барселона не успеаја да влезат на Фајнал фор турнирот од ЛШ овој викенд, но тој, како сите ние, со нетрпение го чека турнирот на четирите најдобри ракометни екипи.
Вардар денеска се „судира“ со Монпелје, откако во првиот француски дуел ќе се судрат ПСЖ и Нант. Во интервју за „Репортер“, Ристовски вели дека, нормално, ќе навива за Вардар.
„Милам дека овој фајнал фор е најизедначениот до сега и сите екипи имаат еднаква шанса да ја освојат титулата. Нормално, сакам Вардар да создаде историја и повторно да победи во финалето. Секогаш е убаво кога ќе слушнеш дека европскиот шампион е од твојата земја“, вели Ристовски.
Тој неодамна го одигра последниот натпревар за Барселона, клубот за кој бранеше изминативе две сезони. И веќе се подготвува за следната дестинација, за кои се споменуваат германскиот Кил, но и францускиот Нант, каде што веќе е Кирил Лазаров.
„Не можам да кажам дека ми беше тешко што си одам, ама имам измешани чувства. Барселона е еден од најголемите клубови и заедно освоивме многу титули овие две години. Моето семејство тука се чувствува преубаво, а во Шпанија имаме многу пријатели со кои поминавме преубав период. Ама, не се врзувам за клубовите во кои играм. Јас сум професионалец и играм додека имам договор. Мислам дека во животот е поважно времето да го искористите максимално и да создадете спомени што ќе ги памтите цел живот“, додава Ристовски.
Тој деновиве се враќа во Македонија за да се подготви за натпреварите што со репрезентацијата ќе ги игра во јуни.
„Не очекуваат два незгодни натпревари за пласман за Светското првенство во Германија и Данска. Штом дојдам во Македонија веднаш ќе ги почнам тренинзите со репрезентацијата. Сакаме што подобро да се подготвиме за тие натпревари и повторно да се радуваме на уште еден пласман на големо натпреварување“, рече Борко.
Фото: ЕПА