Томас Тухел смета дека неговиот белгиски напаѓач Ромелу Лукаку е ментално заморен по напорната година на клупски и репрезентативен фудбал и вели дека можеби треба малку да го одмори.
„Тешко е да се процени дали му е потребна пауза или е подобро во моментов да биде на теренот. Мислам дека премногу играше. Имаше многу натпреварувања ова лето, мечеви со неговата репрезентација и бидејќи е неверојатен атлет, секогаш оди до максимум. Сака да биде таму и да победува. Играњето за репрезентацијата го сфаќа многу сериозно. Мислам дека е ментално уморен“, вели Тухел пред утрешниот меч на Челси со Малме во Лигата на шампионите.
Во последните 12 месеци, Лукаку имаше 43 гола во 64 настапи за Интер, Челси и Белгија. Со Интер ја освои европската титула, но со Белгија испадна во четврт-финалето на ЕУРО 2020, а потоа загубија и во полуфиналето на Лигата на нации од Франција.