Реал Мадрид го доби првото „Ел класико“ оваа сезона, триумфирајќи со 2:1 на гости на „Ноу Камп“ за да се искачат на првото место на табелата во Ла лига и да ја зголемат кризата во каталонскиот ривал, кои сега се на осмото место.
Во првиот меѓусебен меч без фудбалерите кои до лани беа капитени на двата тима (Серхио Рамос и Лео Меси), човек на одлука беше новиот столб на одбраната на „кралевите“, Австриецот Давид Алаба, кој во 32. минута од мечот по една убава контра на неговиот тим ја стресе мрежата на Марк-Андре Тер Штеген. Барселона имаше свои шанси во првото полувреме, меѓутоа одбраната на Реал успеа да го неутрализира Мемфис Депај, а Сержињо Дест не беше доволно концентриран.
Во 58. минута од мечот, играчите на Барселона бараа пенал откако топката го удри Тони Крос во раката, меѓутоа судијата оцени дека нема збор за такво нешто. Карим Бензема својата најдобра шанса ја имаше во 62. минута по асистенцијата на Лука Модриќ, но неговиот удар беше одбранет од Тер Штеген. Барса имаше повеќе од играта, но одбраната на Реал беше стабилна, а Серхио Агуеро во 82. пропушти убава шанса.
Лукас Васкез во 92. минута го зголеми водството на Реал, пред Агуеро предоцна да се разбуди во 94. минута да намали на 1:2 за точка на мечот, кој конечно се играше пред полни трибини со над 82 илјади гледачи.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк