Во дуел на два клуба чии тренери се наоѓаат под резултатски притисок по слабата форма, Манчестер јунајтед на Оле Гунар Солскјер стигна до 3:0 победа на гости кај Тотенхем на Нуно Еспирито Санто благодарение на двајца ветерани во неговиот клуб.
По 5:0 домашното понижување од Ливерпул, управата на Јунајтед реши да му даде уште една шанса на Солскјер, а во исто време за Санто ова беше втор пораз во низа кој ги остава на осмото место на табелата по одличниот старт на сезоната.
Со доста промени во тактиката и во составот, Јунајтед се врати на старата формација со пет играчи во одбраната и двајца во нападот која ја користеше минатата сезона и со Кристијано Роналдо и Единсон Кавани како стартери.
„Ѓаволите“ стигнаа во водство во 39. минута, кога Бруно Фернандеш упати прекрасна топка кон Роналдо во шестнаесетникот, а тој уште подобро реагираше за негов четврти гол во Премиерлигата оваа сезона. Во второто полувреме, Фернандеш и Роналдо имаа одлична акција, по која Кавани во 64. минута зголеми на 0:2, пред Маркус Рашфорд, кој како да беше казнет со останување на клупата, во 87. минута да ги постави конечните 0:3.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк