Реал Мадрид и Лигата на шампиони – клубот и натпреварувањето кое се нераскинливо поврзани, што уште еднаш се докажа во средата кога „кралевите“ стигнаа до 2:1 победа над Шахтјор Доњецк, натпревар во кој Карим Бензема двапати стрелаше и така стана стрелец на 1.000-тиот и 1.001-иот гол за неговиот клуб во елитното европско натпреварување.
Секако, „кралевите“, носители на 13 европски круни се единствени кои успеале да стигнат до оваа неверојатна бројка на голови во Лигата на шампионите (и поранешниот Европски куп).
Бензема во 14. минута од мечот ја уфрли топката во голот по слабата одбрана на Шахтјор и одличното проигрување од Винисиус Жуниор, за јубилејниот 1.000. гол. Украинскиот клуб успеа да израмни во 39. минута преку Фернандо, но Бензема повторно ги врати кралевите во водство во 61. минута од мечот.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк
За разлика од најтрофејниот клуб во историјата на ЛШ, вториот на вечната листа, Милан, ќе мора да има многу среќа да влезе во нокаут фазата, откако одигра само 1:1 со Порто дома, освојувајќи ги првите поени по четири меча и по седум години паузирање од европската елита.
На „Сан Сиро“, гостите поведоа уште во шестата минута од мечот преку Луис Дијаз и тимот на Сержо Консеисао имаше далеку повеќе шанси во првото полувреме, пред Милан да израмни во 61. минута со автоголот на Мбемба. Ниту влегувањето на Златан Ибрахимовиќ не помогна, и „росонерите“ сега имаат само еден поен по четири меча и дуели со Ливерпул и Атлетико Мадрид за крај на групната фаза.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 4.КОЛО
ГРУПА Б
Милан – Порто 1:1
Ливерпул – Атлетико Мадрид 21.00 ч.
ГРУПА Д
Реал Мадрид – Шахтјор Доњецк 2:1
Шериф Тираспол – Интер 21.00 ч.