Италијанскиот портал „Ил соле 24 оре“ тврди дека сопственикот на Милан, кинескиот бизнисмен Јонгхонг Ли мора да плати 10 милиони евра за зголемување на капиталот до понеделник или да ризикува да го изгуби клубот.
Околу доаѓањето на новите кинески сопственици на „Сан Сиро“ се појавија многу контроверзи, прво околу начинот на кој тие го преземаа клубот, а тука е и конфликтот со УЕФА околу политиката на финансиски фер-плеј за што им се заканува исклучување од Лигата на Европа.
Ли вети 60 милиони евра инвестиција во клубот за да се покријат тековнтие трошоци, но откако една „рата“ доцнеше, постои сомнеж во неговата ликвидност. Американската фондација „Елиот менаџмент“ на почетокот на минатата сезона го обезбеди капиталот за преземањето на клубот, но доколку не се врати долгот, тие веќе во октомври можат да станат нови сопственици на Милан.
Според италијанските медиуми, ова може да се случи уште во понеделник, ако Кинезот не ги најде потребните 10 милиони евра. Според „Ил соле 24 оре“, тој има собрано само 5 милиони евра, така што во понеделник „Елиот менаџмент“ можат да се решат да му дадат нов заем, или да ја преземат контролата на 18-кратниот италијански шампион.
Фото: ЕПА