Поранешниот играч и селектор на Аргентина, Диего Армандо Марадона, го советува Лионел Меси како да се однесува на претстојното Светско првенство во Русија. Аргентинската легенда смета дека неговите сонародници не се во најтесниот круг на фаворити за освојување на титулата.
„Би го советувал Меси да продолжи да игра и да ужива во фудбалот. Треба да заборави на сите оние што го критикуваат и што дебатираат на темата дали тој може да го освои СП или не“, рекол Марадона за магазинот „4-4-2“.
Поранешниот аргентински селектор не е воодушевен од актуелниот селектор Хорхе Сампаоли чија работа во минатото често ја критикувал.
„Не мора ништо да докажува. Не го знам Сампаоли, не знам каква игра форсира, но знам многумина од играчите и сигурен сум дека ќе дадат се од себе. Мислам дека имаат добра шанса да го освојат трофејот. Сепак, не би се сложил со констатацијата дека Аргентина е фаворит. Фаворитите никогаш не победуваат“, дополнил човекот што на Аргентина и ја донесе титулата во 1986 година.
Аргентина на СП е во Д-групата со Исланд, Хрватска и Нигерија