Фудбалската репрезентација на Шпанија влегува десеткувана во одлучувачките натпревари против Грција и Шведска за пласман на СП во Катар идната година. Селекторот на „Фуријата’ Луис Енрике нема да има на располагање дури неколкумина важни фудбалери утре против Грците и во недела против Швеѓаните.
Меѓу повредените се Педри Гонзалес, Феран Торес и Маркос Љоренте, а во екипата нема да ги има ниту Џерар Морено, Ереми Пина, Микел Ојарзабал и Ерик Гарсија.
Сепак, навреме ги санираа повредите Дани Олмо, Алваро Мората, Жорди Алба и Пау Торез.
Шпанија се пласира на сите светски првенства уште од 1978 година, а титулата ја освои на Мундијалот во Јужна Африка во 2010 година.
На табелата во групата Б Шпанија моментно е второпласирана со 11 бода, два помалку од Шведска и 4 повеќе од третопласираната Грција.
Победниците од секоја група директно обезбедуваат виза за Катар, а второпласираните во март идната година ќе играат бараж.