Кристијан Ериксен продолжува со подготовките за враќање на фудбалот во 2022 година по неговиот срцев напад за време на ЕУРО 2020, но тоа најверојатно нема да биде со Интер во Италија, иако тие уште го имаат под договор.
Според „Ла газета дело спорт“, фактот што Ериксен работи на рехабилитацијата со експерти во Данска, покажува дека тој нема да се врати во Серија А, каде што не смее да игра со дефибрилаторот (ИЦД) кој му е вграден во телото.
Дефанзивецот на Ајакс, Дејли Блинд, на пример, исто така има дефибрилатор, но продолжи да игра и за холандскиот шампион и за холандската репрезентација. „Газета“ тврди дека Ериксен има одлични односи со Интер и дека негов следен тим најверојатно ќе биде или Ајакс, или данскиот Оденсе.
Ериксен колабираше во финишот на првото полувреме од мечот Данска-Финска во јуни, по што беше вратен во живот на теренот на „Паркен“ во Копенхаген, и помина шест дена во болница.