Македонската фудбалска репрезентација утре од 18 часот против Исланд во Скопје го игра последниот квалификациски меч за пласман на СП во Катар 2022 година. Доколку „рисовите“ на Благоја Милевски ги поразат „рибарите“ за првпат во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал ќе играат бараж за Мундијал.
Капитенот Стефан Ристовски вели дека судбината е во наши раце.
„Судбината е во наши раце, се надеваме дека пред македонската публика ќе успееме да дојдеме до таа посакувана победа. Секој меч си носи некоја посебна приказна. Не сум почувствувал поголем притисок на домашен терен, прекрасно е секој меч кој го играме пред нашата публика. Капитенската лента не ми носи поголем притисок, не сум таков човек. Тоа што го оствари Горан Пандев не ми е притисок, тој нè однесе на ЕП и заслужено отиде во пензија. Сега јас сум капитен и ќе бидам горд ако успееме да обезбедиме бараж“ – рече борбениот Ристовски.
За утрешниот противник тој има само пофалби.
„Исланд е тука да игра фудбал, имаат одлични индивидуалци кои играат во одлични клубови, знаеме за каква репрезентација станува збор, но подготвени сме“ – вели тој.
Натпреварот започнува во 18 часот на арената „Тодор Проески“.