Хрватската кошаркарска легенда Дино Раџа, очигледно, не е голем љубител на модерната НБА лига, сметајќи дека таа е „бледа сенка“ на златните години во 1990-тите, кога тој играше за Бостон селтикс и вели дека мечевите наликуваат на езгибициски дуели или Ол-Стар натпревари.
Во интервју за шпанска „Марка“, Раџа вели дека Мајкл Џордан би бил уште подоминантен во ваква НБА лига отколку во златните години со Чикаго булс.
„Мечевите изгледаат на Ол-Стар натпревари. Судиите само свират нешто. Во 1990-тите имаше многу потешки мечеви, но мислам дека луѓето сакаат ваква кошарка. Бизнисот вака расте и мораме да го прифатиме тоа. Мајкл Џордан би дал 50 поени и тоа кога би имал лош ден во ваква лига. За мене тој е најдобриот во историјата поради тоа што го направи со тимовите кои ги имаше“, вели Раџа.
Ова не е првпат Раџа да коментира за квалитетот на НБА, откако изјави дека му се повраќа кога го споредуваат Џордан со Леброн Џејмс. Но, тој има и некои омилени кошаркари и во ваква лига.
„Кога би морал да градам тим од нула, тогаш би ги избрал Лука Дончиќ, Јанис Адетокумбо или Стеф Кари. Стилот на американската кошарка се смени со адаптацијата на европските кошаркари“, вели Раџа, кој беше дел од Селтикс од 1993 до 1997 година.