Менаџерот на Лестер, Брендан Роџерс јавно се дистанцираше од позицијата во Манчестер јунајтед, велејќи дека шпекулациите во медиумите го дестабилизираат неговиот тим, покажуваат големо непочитување кон Оле Гунар Солскјер и на крајот не се вистинити.
По слабите резултати на Солскјер, шпекулациите велеа дека Роџерс, покрај Маурисио Почетино и Зинедин Зидан е во потесен избор за негова замена, но менаџерот од Северна Ирска вели дека се фокусира само на следниот меч, саботниот дуел со Челси.
„Две работи. Прво, навистина се покажува непочитување со ова прашање, кога има менаџер на тоа место, и тоа добар менаџер и добар човек, кој работи за тимот. Второ, навистина не можам да коментирам нешто што не е вистинито. Јас сум тука како менаџер на Лестер сити, горд сум на тоа и имам привилегија да бидам посветен на играчите, клубот и навивачите. Тоа е тоа, другото не можам да го контролирам“, вели Роџерс.