Кошаркарите на Голден стејт Вориорс ги совладаа Кливленд Кавалирс 122:103 во вториот натпревар од финалната серија во НБА лигата. Вориорс со 2-0 патувата на наредните две средби што ќе се одиграат во Охајо, на теренот на Кливленд.
За разлика од првиот натпревар, која Вориорс го добија по драматичната завршница и продолжението, во вториот екипата од Оукланд, без поголеми проблеми забележа победа.
Од самиот почеток Голде стејт имаше контрола во врз играта и резултатот. Кавалирс, во третата четвртина, неколку пати се обидоа резултатски да се доближат, но сите тие напади успешно ги одбија нивните противници.
Најефикасен во победничкиот тим беше Стеф Кари со 33 поеним седум скока и осум асистенции. Кари постигна девет тројки од 17 обиди и постави нов рекорд во финалните натпревари. Претходниот рекорд од осум тројки, на еден финален натпревар, го држеше Реј Ален.
Покрај Кари, двоцифрен кош-ефект кај Вориорс имаа уште и Кевин Дурент (26 поени, 9 скока, 7 асистенции), Клеј Томпсон (20 поени) и Џавал Мекги (12 поени).
Леброн Џејмс, делуваше уморно на теренот, но и покрај тоа го предводеше тимот со 29 поени, 9 скока, 13 асистенции. Леброн го престигна на второто место Карим-Абдул Џабар на вечната листата на најдобри стрелци во финалните серии.
Кај Кливленд уште Кевин Лав уфрли 22 поени, Џорџ Хил 15, а Тристан Томпсон 11.
Наредниот натпревар, трет во финалната серија, а прв во Охајо, ќе се одигра в четврток, со почеток во 3 часот по средно-европско време.