Голден стејт Вориорс и Филаделфија ’76 ја одбранија честа на гостинските тимови, во синоќешните натпревари во НБА лигата. Вориорс предводени од Стеф Кари славеа победа во Кливленд, додека Филаделфија го запре Никола Јокиќ во второто полувреме и славеше во Денвер.
Стеф Кари шутерско шоу имаше и во Кливленд. Вориорс одиграа нестварно во последната четвртина, во која влегоа со минус од 13 поени. Четвртината ја добија со 36:8 за конечен триумф 104:89.
Кари во решавачкиот период погоди четири тројки, четири двојки и забележа две асистенции со што го режираше пресвртот. Лидерот на Вориорс мечот го заврши со 40 поени (тројки 9/16), четири скока и шест асистенции.
Никола Јокиќ, не успеа да го спречи убедливиот пораз на Денвер од Филаделфија 89:103. Јокиќ во првото полувреме постигна 27 поени, на крајот заврши со 30 поени, 10 скока, седум асистенции.
Третата четвртина беше клучна за конечниот исход. Нагетс во овој период постигнаа само 17 поени и останаа без тренерот Мајк Мелоун кој беше исклучен.
Мајами славеше победа над Вашингтон Визардс 112:97 и се израмни со Бруклин на првото место, во Источната конференција.
Џими Батлер со 32 и Бем Адебајо со 20 поени и девет скока, беа најефикасни кај победниците, Бредли Бил со 30 поени се истакна во редовите на Вашингтон.