Возачот на Ферари Шарл Леклер не е задоволен од одлуката на ФИА да не го казни Макс Ферстапен, за инцидентот во Бразил. Ферстапен, во обид да ја одбрани позицијата од Хамилтон, во 48 круг, го исфрли противникот од патеката. Леклер рекол дека, во иднина, ќе вози на поинаков начин, бидејќи од дирекцијата на трката не го казниле возачот на Ред Бул.
„Секогаш кога дирекцијата на трката донесе скандалозна одлука, тоа значи дека морате да се прилагодите и во иднина треба да возите на поинаков начин. Истото се случи и во 2019 година, по инцидентот во кој учествуваме јас и Ферстапен на Големата награда на Австрија. Подоцна на Силверстон го сменив начинот на возење. Тоа е случај и со другите возачи, сите возат во границите на дозволеното. Ако она што го направи Ферстапен во Интерлагос е дозволено, тогаш и јас ќе возам така“, рекол Леклер и дополнил.
„Мислам дека одлуките што ги носи дирекцијата на трките, ни кажуваат дека можеме да се тркаме жестоко, што е добро за навивачите. Доколку ова е дозволено, тогаш претекнувањето од надворешната страна ќе биде многу тешко“.
Ф1 шампионатот продолжува викендов со трката за Големата награда на Катар.