Макс Ферстапен по второто место на Катар ГП трката зад својот лут ривал Луис Хамилтон изјави дека е среќен за оствареното, но саркастично додаде дека никогаш не добива подароци од стјуардите на трката.
Холандскиот возач на Ред бул доби казна од пет места пред стартот во Катар, стартувајќи од седмото место откако во саботните квалификации игнорираше двојно жолто знаме, но се опорави во трката и скокна до второто место, иако Хамилтон со неговиот Мерцедес беше недостижен.
„Знаев уште вчера дека никогаш не добивам подароци од стјуардите. Кога знаев дека ќе стартувам седми, бев мотивиран да тргнам напред. Имав добар прв круг и по пет круга пак бев втор. Се обидов да го стигнам и туркав за да не можат да влезат третпат во боксот и да го добијат и најбрзиот круг за да имам 8 поени предност. Бевме спори тука, но мораме да останеме фокусирани, има уште две трки и многу работи можат да се случат“, изјави Ферстапен за „Скај спортс“.
Неговиот шеф, пак, Кристијан Хорнер доби официјално предупредување од страна на ФИА, откако пред трката изјави дека „себичен маршал“ го покажал жолтото знаме на Ферстапен во квалификациите за тој да добие казна. Хорнер, потоа, јавно се извини во интервју за „Скај спорт“.
„Господинот Хорнер понуди да се извини на маршалот кој го мафташе знамето и да објасни дека не сметал да направи прекршок. Тој исто така понуди да биде дел од интернационалната програма за стјуарди на ФИА во 2022, и ние го прифативме тоа“, објавија од ФИА.