Top Sport

Интер му го нанесе првиот пораз на Наполи, се „згусна“ на врвот во Серија А

Интер стигна до камбек 3:2 победа над Наполи во дербито на 13. коло во италијанската Серија А, за да се доближи на само четири поени од нив и од Милан на врвот на италијанската табела. Ова е прв пораз на Наполи оваа сезона, и доаѓа еден ден откако и Милан загуби првпат во 2021/22.

Пјотр Зиелински ги донесе гостите во водство во 17. минута од мечот на „Сан Сиро“, но само осум минути подоцна „нераѕурите“ израмнија со гол од пенал на Хакан Чалханоглу. Турскиот интернационалец во финишот на првото полувреме му асистираше на Иван Перишиќ за целосен пресврт на Интер, пред Лаутаро Мартинез во 61. минута да зголеми на 3:1. Популарниот Дрис „Чиро“ Мертенс, кој влезе во игра заедно со Елиф Елмас во 74. минута од мечот, постигна прекрасен гол во 78. минута за да ги направи последните минути многу интересни. Во 93. минута од мечот, Наполи имаше совршена шанса за израмнување, но обидот на Ди Лоренцо чудесно беше одбранет од Хандановиќ, за да заврши над голот.

Тимот на Лучано Спалети останува лидер во Италија со 32 поени, колку што има и Милан, Интер е трет со 28 поени, додека на четвртото место е Аталанта со 25 поени.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top