Тaјсон Фјури му прати порака на својот ривал во тешка категорија, и еден од носителите на шампионските појаси, Украинецот Олександер Усик дека ќе го „прегази“ ако некогаш се сретнат во рингот.
„Џипси кинг“, кој ја одбрани ВБЦ титулата по спектакуларниот нокаут над Дионтеј Вајлдер во нивниот трет меѓусебен меч, вели дека сака да се врати на боксот во февруари или март, и многумина би сакале тоа да биде против носителот на ВБА, ИБФ и ВБО титулите, Усик, кој стигна до трофеите со победата над Ентони Џошуа.
„Ќе го земам малото човече од крузер категорија, и ќе ви покажам како да оставите мал човек да се крие. Ќе го прегазам. Ќе изгледа како да е прегазен од камион, исто како Дионтеј Вајлдер. Потоа ќе свртам во рикверц, и повторно ќе го прегазам“, изјави Фјури.
Усик го совлада Џошуа во септември, и се очекува да има римеч во 2022 година, а 33-годишниот Фјури вели дека нема проблем да боксува ниту со Дилијан Вајт, еден од предизвикувачите за ВБЦ титулата.
„Што ќе се случи, ќе се случи. Тие момци се како тренинг за мене. Ќе ги уништам сите. Не е важно дали е Дилијан Вајт (белиот), Дилијан синиот или Дилијан сивиот. Нека дојдат“, додава Фјури.