Лионел Меси во интервју за „Марка“, говорел за Барселона, ПСЖ, Кристијано Роналдо, Серхио Рамос, Килијан Мбапе, новиот тренер на Барселона Чави…
Аргентинецот, во летниот преоден рок, ја напушти Барселона по 17 години и се пресели во Париз. На „Паркот на принцовите“ го пречекаа големи ѕвезди на светскиот фудбал: Нејмар, Мабпе, Ди Марија, Верати, а му се приклучија Серхио Рамос и Џиџи Донарума.
Финансиската ситуација во Барселона не му дозволи на клубот да го продолжи договорот со Меси.
„Ми кажаа дека не можат да ми понудат нов договор и дека не можам да останам. Нема потреба да се бара виновник, нема потреба да се враќаме на она што веќе се случи. Ќе го прифатам она што го кажаа“, рекол Меси.
Тврди дека еден ден ќе се врати во Барселона, клубот на неговиот живот.
„Тоа е мојот дом, таму ќе живеам. Ако можам да поможам и да придонесам, со задоволство би се вратил во клубот“.
Меси открил дека тој и неговото семејство целосно се прилагодиле на животот во Франција. Прилагодбата одела полесно од она што го очекувал. Главна цел сезонава во е трофејот во Лигата на шампионите. ПСЖ е еден од главните фаворити за победа во ова натпреварување.
„Нема да кажам дека не сме фаворити. Во овој момент ни требаат некои работи за да бидеме моќен и силен тим. Ќе треба да легнат работите. Имаме среќа што имаме играчи кои можат тоа да го постигнат. Но не сме само ние фаворити. ЛШ е тешко натпреварување“.
Меси проговорил и за големиот ривал Кристијано Роналдо, кој ова минатото лето се врати во Манчестер јунајтед.
„Се прилагоди на импресивен начин. Од почетокот почна да дава голови, не му беше потребно време за прилагодување. Во Премиер лигата не им оди најдобро, но таа лига е многу израмнета и тешка. Минаа неколку години откако не се натпреваруваме во исто првенство. Се натпреварувавме индивидуално и тимски, луѓето уживаа. Тоа е убав спомен кој ќе остане запишан во историјата на фудбалот“.
Објаснил како се чувствувал првите денови во соблекувалната и колку му било чудно што го има за соиграч Серхио рамос.
„Имав среќа што дојдов во клуб со добри играчи и добри луѓе, тоа е најважно. Веднаш се прилагодив, и покрај тоа што ми беше малку чудно на почетокот. Чудно ми беше што по толку години ривалство сум во ист тим со Рамос. секогаш се почитувавме. Во ПСЖ видов дека тој е врвна личност“.
Не сака да ја коментира иднината на Килијан Мбапе.
„Можам само да кажам дека ми е драго што е тука оваа сезона. Тој е важен играч за нашиот тим и целите кои ги имаме. Целосно е фокусиран. Што ќе биде понатаму не знам“.
Среќен е што неговиот поранешен соиграч, Чави, се врати во Барселона, сега во улога на тренер.
„Браса е во период на реконструкција. Има многу млади играчи во тимот. Во овој момент има подобри екипи од Барселона, но тоа не значи дека нема да се борат. Пријател сум со Чави, често разговараме. Сигурен сум дека добро ќе му оди, навивам за него. Ситуацијата во Барселона ме прави тажен. Им посакувам се најдобро“.
На крајот, Меси потврдил дека ќе игра на СП во Катар и дека таму Аргентина ќе биде еден од фаворитите за титулата.