Top Sport

Француската полиција го испитувала Блатер за Катар 2022

Анти-корупциската полиција на Франција го повикала на разговор поранешниот претседател на ФИФА, Швајцарецот Сеп Блатер за контроверзното гласање за домаќин на СП во 2022, кое го доби Катар.

85-годишниот Блатер бил повикан како сведок во четвртокот и петокот, потврди француската полиција по шпекулациите кои ги објави весникот „Ле монд“, посочувајќи на вечерата која се оддржала на 23 ноември 2009, девет дена пред гласањето во Елисејската плата во Париз на која домаќин бил тогашниот француски претседател Никола Саркози.

На вечерата гости биле Шеик Тамим бин Хамад Ал Тани, кој стана емир на Катар во 2013 година, тогашниот премиер на Катар, Хамад бин Џасим Ал Тани и Мишел Платини, тогашниот претседател на УЕФА. Платини, наводно гласал за Катар по барање на Саркози, нешто што двајцата го демантираат. На гласањето на 2 декември во Цирих, Катар доби 14 гласа, а САД 8 гласа.

Француската полиција е заинтересирана за договорот од 300 милиони долари со бонус од 100 милиони за ФИФА за ТВ-правата за СП во 2018 и 2022 на катарската ТВ-мрежа „Ал-Џазира“. Блатер беше претседател на ФИФА од 1998 до 2015, кога беше приморан да си даде оставка и доби осумгодишна суспензија (која потоа му беше намалена на 6 години).

Scroll to Top