Ѕвездата на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо може да добие повик од италијанската полиција за испитување како дел од истрагата на неговиот поранешен клуб Јувентус околу „сомнителните“ трансфери направени за балансирање на сметките на клубот.
Канцелариите на Јувентус во Торино и Милано беа предмет на рација на италијанската финасиска полиција минатиот петок, со обвинение дека од 2019 до 2021 година, „старата дама“ лажно ги регистрирала трансферите за да ги исполни ограничувањата за финансискиот ферплеј со најмалку 42 договори под истрага.
Според „Ла газета дело спорт“, обвинителството сака да дознае повеќе за исплатите кои Роналдо ги добивал од март до април 2020 за време на „локдаунот“ поради корона вирусот, кога исплатите на неговите соиграчи биле „замрзнати“. Јавниот обвинител во Торино се сомневал дека постоел таен договор меѓу Роналдо и Јуве, нешто што било потврдено со одредени телефонски разговори меѓу двете страни, во кои се споменувал „документот кој теоретски не постои“.
Роналдо пристигна во Јувентус од Реал Мадрид за 100 милиони евра во 2018 година и постигна 101 гола во 134 настапи, освојувајќи две титули од Серија А и една од Копа Италија. На Јуве, пак, им се заканува исфрлање од Серија А и одземање на титулата од 2020, во сличен развој на настаните како по „Калчополи“ скандалот во 2006 година.