Маркус Рашфорд неодамна доби потпишан дрес од Кристијано Роналдо, кој призна дека ја следи кариерата на младиот напаѓач на Манчестер јунајтед, но Англичанецот признава дека го преферира вечниот ривал на Португалецот, Лионел Меси.
Дебатата околу тоа кој е подобар фудбалер трае веќе цела деценија, а сега се вклучи и 20-годишниот Рашфорд, кој зачудувачки не се реши да го избере поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед.
„Некои работи кои ги прави Меси се апсолутно неверојатни. Јас секогаш сум бил голем фан на Роналдо, но мислам дека Меси е најголемиот на сите времиња“, вели Рашфорд за „Си-ен-ен“.
Иако во моментов се восхитува на квалитетите на Меси и Роналдо, Рашфорд признава дека бразилските фудбалери биле неговите омилени кога раснел, посебно тимот кој ја освои светската титула во 2002 година.
„Едно од омилените фудбалски искуства ми беше гледањето на тој тим на Бразил со Роналдињо и Роналдо. Тоа беше моќен тим“, вели Рашфорд, кој е дел од 23-те фудбалери на англискиот селектор за СП во Русија.