Хрватскиот фудбалски репрезентативец, Лука Модриќ го забележа 100-тиот настап во Лигата на шампионите и притоа беше МВП на синоќешниот меч на Реал Мадрид против Интер (победа од 2-0 на `Бернабеу`) при што Хрватот првпат ја носеше капитенската лента.
Модриќ тврди дека и со 36 години се чувствува одлично и многу помладо од што е случај.
„Се чувствувам многу добро. Не треба да се гледа колку кој има години туку кој што прави на теренот. Годините се помалку се забележуваат затоа што кариерите се продолжуваат. Се чувствувам доста добро, како да имам помалку од 30 години“ вели Лука Модриќ.
Капитенот на „коцкастите“ е член на Реал Мадрид уште од 2012 година. Во Мадрид дојде од Тотенхем и за „Кралевите“ одигра 408 натпревари и постигна 28 гола.
Актуелниот договор на Модриќ со Реал е до јуни 2022 година, но медиумите веќе објавуваат дека најверојатно ќе добие нова понуда од Управата на клубот.