Пјер-Емерик Обамејанг ќе го пропушти утрешниот натпревар на Арсенал против Вест Хем. Клубот му ја продолжи суспензијата на Габонецот, поради која не играше во саботата во победата над Саутемптон. Поради кршење на клупската дисциплина, менаџерот Микел Артена предложил, а клубот прифатил на Обамејанг да му биде одземена капитенската лента.
Обамејанг, во петокот не се појавил на тренингот. Клубот експресно реагираше го отстрани од тимот за дуелот со Саутемптон, а денес на барање на менаџерот му ја продолжи суспензијата.
„Очекуваме сите играчи да ги почитуваат правилата. Особено тоа се однесува на капитенот. На Обамејанг му е одземена капитенската лента, тој утре нема да биде во конкуренција за натпреварот против Вест Хем“, објави клубот.