Top Sport

Њуи: Бев најблиску до срцев напад поради Макс Ферстапен

Дизајнерскиот „гуру“ на Ред бул рејсинг, Адријан Њуи вели дека последниот круг од последната Ф1 трка во 2021, кога Макс Ферстапен стигна до драматичната победа над Луис Хамилтон е ситуација во која бил „најблиску до срцев напад“, и го пофали карактерот на новиот светски шампион.

Откако во текот на целата трка шансите за титула на Ферстапен изгледаа далечни поради супериорната брзина на Хамилтон и Мерцедес, во најдраматична можна завршница на рестарт во последниот круг, Ферстапен го помина Хамилтон и стана светски шампион на 24 години.

„Во таква трка имаш многу емоции. Круговите пред безбедносното возило, изгледаше дека титулата ни избега. Тогаш размислуваш за целата сезона и што си можел да направиш поинаку. Некои несреќни моменти, излетувањето во Силверстоун, кое уште лично многу ме нервира. И потоа дојде безбедносното возило, и имавме среќа, не може да се скрие тоа. Но, иако сум пристран, сметам дека Макс го заслужи трофејот. Ова е титула во која бев најблиску до срцев напад и несвестица. Имавме и други ситуации во кои се одлучуваше во последната трка, но никогаш во последниот круг“, вели Њуи.

Човекот кој дизајнираше шампионски болиди за Вилијамс, Мекларен и Ред бул, го поставува Фертсапен високо на листата на најдобри возачи со кои работел.

„Тешко е да се дава таква оценка, но тој мора да е многу високо, нели? Тој е вистинското. Да, тој е агресивен, но многу фер возач. Има огромен талент и брзина, а сите забораваат колку е млад. Најдоброто за него е тоа што е лесно да се работи со него. Нема претенциозност, нема политика – доаѓа, го прави тоа што му е работа. Го сакам момчето“, додава Њуи.

Scroll to Top