Top Sport

Пенг Шуаи се јави: Никогаш не кажав дека некој сексуално ме нападнал

Кинеската тениска ѕвезда Пенг Шуаи, чиј случај предизвика меѓународна загриженост за нејзината безбедност по обвинувањата за сексуален напад, ги повлече обвинувањата против поранешниот кинески вице-премиер Жанг Гаоли, велејќи дека ниту во оригиналниот пост на „Веибо“ не направила такви обвинувања.

Пенг тврди дека нејзината порака била „приватна работа“, која погрешно било разбрана и преведена во западните медиуми.

„Прво морам да посочам една многу важна работа, никогаш не кажав, ниту напишав дека некој сексуално ме нападнал. Ова мора да биде јасно“, вели Пенг во видеото објавено на веб-сајтот „Лианхе заобао“ од Сингапур.

Таа исто така посочи дека живее во нејзиниот дом во Пекинг без да биде под мерки за надзор или под било каков притисок.

ВТА турнејата, која подолго време бараше директно да комуницира со Пенг, минатиот месец објави дека ги суспендира сите турнири во Кина доколку не се гарантира нејзината безбедност.

Во оригиналниот пост, Пенг пишуваше дека имала долга вонбрачна врска со Жанг Гаоли и за фрустрацијата што морала тоа да го крие од јавноста. Ова беше протолкувано, генерално во западните медиуми, дека Гаоли ја приморал на секс поради неговата висока позиција во Комунистичката партија на Кина.

Scroll to Top