Англиската Премиерлига официјално потврди дека 16 отсто од фудбалерите кои настапуваат за 20-те клуба не добиле ниту една доза на вакцината против КОВИД-19, по низата откажувања на мечеви поради позитивни тестови на новата омикрон варијанта.
Во понеделникот, Премиерлигата потврди дека нема да има стопирање на лигата во текот на празниците, по што во официјално соопштение објави дека 84 отсто од фудбалерите се на „патот на вакцинацијата“ (што значи дека имаат примено барем една доза), што значи дека 16 отсто уште одбиваат да го направат тоа.
Вкупно 92 отсто од фудбалерите и придружниот персонал имаат барем една доза од вакцината, но бројките во англискиот фудбал се пониски од тие во Европа – во Бундеслигата оваа бројка е 94 отсто, додека во Серија А дури 98 отсто. Сепак, растот во Англија е огромен – во октомври само 68 отсто од фудбалерите имаа вакцина.
Минатата недела во Премиерлигата имало 90 нови позитивни тестови од вкупно извршени 12.345 теста, а тестирањето продолжува – брзиот тест се одвива секојдневно, ПЦР тестови се вршат двапати неделно.