Денеска беше објавено дека два меча од Премиерлигата се одложуваат поради Ковид пандемијата. Мечевите Ливерпул – Лидс и Ватфорт – Вулверхемптон ќе се играат во друг термин. Сепак, мечот што требаше Евертон во недела да го игра против Барнли не е одложен иако менаџерот Рафа Бенитез тврди дека му недостасуваат 11 фудбалери.
„Имаме 6 повредени играчи и 5 заразени со корона. Мислам дека тоа не е чесно. Мојата работа е да имам 11 играчи кои можат да играат на своите позиции против Барнли. Тоа сега не е лесно. Навистина сум изненаден што ќе го играме тој меч. Имаме 9 играчи и тројца голмани. Мора да доведеме 5 млади играчи кои немаат искуство од играњето во ПЛ“ рече Бенитез.
Шпанецот нема да може да смета на напаѓачот Доминик Калверт-Луин кој пропушти поголем дел од сезоната поради повреда.
Последните два меча на Барнли се одложени затоа што нивните противници имаат голем број заразени.
Барнли е на 18. позиција на табелата со 11 поени од 15 меча, додека Евертон е 14-ти со 19 поени.