Фернандо Алонсо вели дека за него е подобро да е во позиција да заслужува повеќе успех во кариерата, отколку како некои други возачи да има „многу трофеи кои не ги заслужува“.
Во Канада во текот на викендот, двократниот шампион ја имаше својата јубилејна 300. Ф1 трка, но успехот не доаѓа лесно во вториот дел од неговата кариера – тој пропушти две титули со Ферари, а потоа се мачеше со Мекларен по кам-бекот во 2015 година.
„На некој начин подобро е вака. Немаше да бидам среќен да имам многу трофеи дома, а луѓето да сметаат дека не ги заслужувам. Тоа ќе беше потешка ситуација. Имаше пропуштени шанси, посебно последните три години со Мекларен-Хонда, бидејќи имавме големи очекувања. Ќе видиме на крајот на кариерата што сум успеал, а што сум требал да успеам. Има возачи против кои се тркам кои се многу талентирани, но никогаш не биле ниту на подиумот. Мојот колега, Штофел Фандорне, Нико Хилкенберг, Карлос Саинс Јуниор, тоа се многу талентирани возачи. Јас пропуштив некои шанси, но среќен сум со тоа што го остварив“, вели Алонсо.
Запрашан за кои биле најдобрите моменти во неговата кариера, Шпанецот очекувано избра две трки покрај сезоните во 2005 и 2006 година кога освојуваше титули со тимот на Рено.
„Тешко е да се изберат моменти, кога имаш толку работи кои се случуваат. Двете титули секако ќе бидат меѓу најдобрите во моите 300 трки, но и некои победи, како таа во Валенсија во 2012 и првата победа во кариерата во Унгарија во 2003 година. Покрај работите на патеката, има многу добри искуства и надвор од патеката. 18 години во Ф1 со истата група на луѓе, истите механичари, медиуми, клупски колеги“, додава Алонсо.
Фото: ЕПА