Top Sport

Хамилтон не му „крева“ на новиот претседател на ФИА

Новоизбраниот претседател на Светската автомобилистичка федерација (ФИА), Мохамед Бен Сулајем вели дека се обидел да стапи во контакт со седумкратниот Ф1 шампион, Луис Хамилтон, но дека не добил одговор од асот на Мерцедес.

Хамилтон не дава интервјуа, ниту објавува нешто на социјалните мрежи откако ја загуби титулата од Макс Ферстапен на драматичен начин на последната трка во Абу Даби минатиот месец. Тој се појави да ја добие почеста од британската кралица во Виндзор, но не присуствуваше на доделувањето на наградите на ФИА во Париз.

„Му пратив пораки, но мислам дека уште не е 100 отсто подготвен да зборува и ја разбирам неговата позиција. Но, има правила кои треба да важат за сите возачи. За мене, нема омилен тим или возач поради интегритетот на ФИА. Не можам да судам предвреме, но првата работа на програмата е да се анализира што се случи во Абу Даби. Сите сме луѓе и правиме грешки под стрес и притисок, и мораме да гледаме кон иднината. Не верувам дека Луис ќе се откаже, и додека не го каже тоа самиот не верувам на шпекулациите. Луис е супер-важен дел на Ф1 поради неговите успеси и карактер“, вели Бен Сулајем.

Scroll to Top