Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта смета дека неговиот клуб е фаворит да го добие потписот на норвешкиот ас на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд ова лето, еден ден откако објави дека ривалите треба да се „плашат“ бидејќи „Барса се врати“.
Лапорта и покрај економската криза во која се наоѓа каталонскиот клуб, веќе им соопштил на своите соработници дека Халанд пристигнува на лето на „Ноу Камп“, јавува шпанска „Марка“.
Првата пречка за овој договор е како да се убеди 21-годишниот Норвежанец дека постои проект за шампионска Барса со сите ограничувања на буџетот на клубот, иако неговиот агент Мино Рајола неодамна ја посочи токму Барселона како еден од клубовите каде што би можел да заврши Халанд. Во Барселона, Халанд би добил гаранција дека ќе биде лидер на проектот, без други поголеми ѕвезди од него, но со многу млади играчи со голем талент (Ансу Фати, Педри, Феран Торес).
Поголем проблем, секако, би бил економскиот за Барселона, клуб кој има долгови од над 1.3 милијарди евра и кој пред неколку месеци не успеа да обезбеди продолжување на договорот на Лионел Меси и мораше да го прати Антоан Гризман на позајмица, а исто така има проблеми со сегашното регистрирање на Торес по трансферот од Манчестер сити.
И Реал Мадрид се големи конкуренти за Халанд, иако поголем фокус е свртен кон потенцијалното доаѓање на Килијан Мбапе на „Сантијаго Бернабеу“. Финансиски, тука се и други опции, како богатите Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Пари Сен-Жермен.